ИНТЕРВЈУ – Ирена Гуржовска „Букет Среќа кај луѓето ја буди најубавата насмевка на светот“

0

Дефиниција за среќа – дали неко некогаш успеaл да ја каже точно? Можеби…Но колку и да сакаме да и дадеме конкретност, среќата не можеме да ја опишеме со неколку зборови, а притоа да биде комплетна. Среќата е она што се чувствува, моментот кога ќе добиете подарок од Вам драга личност или уште повеќе, кога ќе израдувате некого со уникатноста на подарокот.

Таа насмевка и радост нема цена и нема дефиниција. Токму со таа мисла, Ирена Гуржовска решава да работи за себе, развивајќи еден сосема нов и непознат концепт за Македонија наречен Фуд Флористика. Својата надградба ја добива благодарение на руски ментор и продолжува да работи сама откако ја совладува основата.

H: Ирена, колку време постои „Букет Среќа“?

Букет Среќа е млад бренд кој постои 3 месеци. Од самиот старт знаев како сакам се да изгледа и како треба да се работи. Тргнав со убаво смислен концепт за целокупното претставување, знаев како треба да изгледа првата фотографија што ќе излезе на социјалните мрежи, бев подготвена со информации благодарение на претходно истражување на пазарот, благодарение на што имав подготвена пресметка на цени. Тоа е олеснителна околност со оглед на тоа што презентирам нешто ново кај нас. Не би сакала како што ќе расте името на брендот, вртоглаво да растат цените. „Букет Среќа“ ќе биде бренд кој ќе носи квалитет и доверба.

H: Колку време се создаваше идејата за овој концепт?

Се почна пред две години, кога сакав за приредба во која учествуваше син ми да се направи букет со киндер чоколади, лижавчиња и бонбони. Го однесов во цвеќарница да го направат, меѓутоа не ми се допадна, бидејќи имав друга замисла. За следната приредба, решив сама да го направам, што се покажа како полн погодок бидејќи беше пресреќен кога го виде.

Секако дека почна да го јаде и да ужива. Решив дека ќе пробам да го направам со овошје, да видам дали така ќе посегне по букетот.

Знаеме дека на децата кога ќе им се сервира во чинија овошје, потешко посегнуваат, ако до нив има и чоколади. Кога го зема букетот со овошје, веднаш почна да го јаде. Така почна се, почнав јас да истражував потемелно. Интересно е што на англиски јазик не можев ништо да најдам на оваа тема. Решив да пребарувам на руски јазик, бидејќи по професија сум преведувач од руски јазик. Најдов девојка во Русија која што пред 4 години развила техника на подготовка за да може се тоа да се јаде. Нема лепаци, нема силикон и восок. Поминав обука под нејзино менторство и решив дека е време да работам сама. Се уште сме во комуникација, со оглед на тоа дека таа е прва во светот која што го направила овој концепт. Фуд Флористика е сосема нова професија, нов правец во креативноста, каде што се работи со јадливи материјали. Откако ја поминав обуката, ја направив страната и веќе ја имав првата нарачка од моја пријателка, која што побара букет за слава. Истиот вклучуваше вино и сувомеснати производи и неколку видови кашкавал.

H: Дали секаков вид на храна може да се направи во букет?

Речиси секаков. Има храна која што е премногу мека и не може да се фикисра на начинот на кој што го правам јас тоа. Во контекст на ова – знам и да не прифатам нарачка, доколку храната која што ја бараат клиентите е невозможно да се стави во букет заради нејзината агрегатна состојба или пак ако бараат од мене да се залепи со лепак и силикон.

H: Колку време е потребно да се подготви букетот?

Повеќе фактори влијаат на времетраењето за подготовка, се зависи од букетот, материјалот, дијаметарот и времето кога ќе биде нарачан. Доколку клиентот побара од денеска за денеска, тоа е невозможно да се направи. Доколку нарачката е порано закажана, во тој случај доволен ми е еден час. Препорачливо е да се подигнат пред самиот настан за кој се наменети, за да се одржи свежината. Рокот на траење на овошните и зеленчуковите букети е еден ден. Инаку, на секој букет стои објаснување и насоки како да се одржи и кога да се консумира, како и рок на траење. Јас на шега знам да кажам – букетот треба да предизвика многу силни емоции, да се направат добри фотографии и веднаш да се изеде.

H: Споменавте дека првичната инспирација сте ја добиле од синот, дали тоа значи дека луѓето околу Вас постојано Ве инспирираат за нови идеи или пак е потребна и дополнителна истражувачка работа?

Јас би рекла и едното и другото. Во секоја работа, истражувањето и информациите се клучни, па така и во мојата. Јас истражувам во кое време од годината, каде можат да се најдат одредени продукти кои моите клиенти ги бараат, каква е ценовната понуда, што луѓето најмногу купуваат по пазарите… Секоја информација е добредојдена за да знам што од тие продукти добро би се вклопило во букет за оваа сезона. Важна е гамата на бои која може да Ве освои штом го погледнете букетот.

На оваа тема се развива цела наука во мометов, а јас се трудам да бидам во чекор со тоа.

H: Дали во Македонија има други кои се занимаваат со Фуд Флористика?

Тоа е уште еден интересен податок – во Европа во моментов сме само три. На цел Балкан, само јас се занимавам со оваа тематика, има една девојка која што работи во Барселона, а најблиску до нас се Киев, Минск и Москва. Постојат извесни бесплатни он лајн курсеви, но квалитетот на изработка таму и тоа што го правам јас сега е многу различен. Се надевам дека ќе поставам висок стандард со мојата работа, кој потоа успешно ќе биде следен.

H: Колку луѓето кај нас се запознаени со концептот Фуд Флористика?

Малку знаат за него, но знаат дека постојат некакви букети што се јадат во Македонија. На мое огромно задоволство, многу брзо се рашири меѓу луѓето и имам многу работа во моментов. Facebook страницата и Instagram профилот одлично функционираат и секојдневно се зголемува бројот на фанови.

H: За што најчесто луѓето сакаат да подаруваат Букет среќа, за какви поводи?

Буквално за секој тип настан. Мене лично многу ми се допаѓа букет од киндер и што е најинтересно не се нарачува за деца, туку за дечко или девојка или браќа и сестри. Го праќаат на работно место само како мало внимание кое треба да каже – мислам на тебе. Сите ние сме деца на свој начин и се радуваме на ваквите изненадувања.

Букет Среќа поставува нов правец и планот е да се движиме само по нагорна линија.

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива/Букет Среќа

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот