ИНТЕРВЈУ: Христијан Бузалковски, професионален мотоциклист кој го вози патот до успехот

0

Млад, незапирлив и успешен – Христијан Бузалковски е професионален мотоциклист кој иднината ја гледа на врвните МотоГП шампионати. Разговаравме за неговите почетоци во брзинскиот мотоциклизам, за моменталните ангажмани и очекувањата кои следат.

H: Христијан, кога се роди љубовта кон моторите?

Љубовта кон моторите се роди уште од рана возраст,поточно првиот моторцикл го добив на 6 годишна возраст

H: Дали постоеше интерес за друг спорт или од секогаш знаевте дека ова ќе биде Вашата пасија?

Од секогаш знаев дека ова ќе биде мојата пасија, мојот животен сон како дете беше да се појавам на тркачка патека, со подготвен моторцикл.

H: Дали се уште го чувате првиот мотор?

За жал не, првиот тркачки мотор мораше да се продаде, бидејќи сите знаеме дека ова е спорт каде што еден од најголемите фактори се финансиите. Поради тоа, не го чувам мојот прв тркачки моторцикл.

H: Кога еден човек се занимава професионално со одреден спорт, потребно е да ја одржува физичката кондиција. Како го правите тоа, како Ви изгледа еден ден?

Да точно, физичката кондиција е една од клучните фактори за да бидеме конкурентни во овој спорт, морам да признаам дека напорно тренирам и се подготвувам за сезоната која следи. Секое утро одам во Фитнес центарот Мотив, каде што со мојот тренер Филип Станковски напорно работиме на мојата физичка кондиција, тренирам секој ден, од понеделник до петок, а за викенд тренирам со крос моторцикл, кој што ми го овозможи мојот тим ЕНДУРО ТИМ ВОДНО.

H: Тешко ли е да се подготвувате во Македонија за трки надвор од земјава, со оглед на тоа дека речиси и да немаме услови за ваков вид спорт?

Кога се сака сè се може, тоа е мојот мотив, а секако дека е тешко, но не постигнуваме ништо доколку се жалиме, нели? 🙂

H: Колку трки имате зад себе и какви резултати имате остварено?

Оваа година ќе ја извозам мојата 5 година како професионален тркач, зад себе имам извозено повеќе од 30 трки, а во 2014 година бев шампион во Сакамото купот. Во 2015 година бев трето пласиран на Источно европскиот шампионат, во 2017 година бев вице шампион на БМУ Европскиот Шампионат и вице шампион во Бугарскиот национален шампионат!

H: Која е Вашата најголема желба, каде сакате да се тркате еден ден?

Мојата најголема желба е да се појавам на еден од светските елитни шампионати во брзински моторциклизам, како што се  светскиот Супербајк, Суперспорт, Суперсток и МотоГП шампионатите. Но за тоа е рано да се размислува се уште.

H: Што е следно, каде ќе се натпреварувате?

Оваа година ќе се натпреварувам на БМУ Европскиот шампионат во брзински моторциклизам, во класата СП125 и 600 суперсток. Со тоа, ќе бидам првиот Македонец кој што ќе се натпреварува во две класи истовремено.

H: За крај, како го поминувате слободното време, што сакате да правите кога не тренирате?

Mорам да признаам дека последниов период немам многу слободно време, заради обврските околу претстојната сезона, но сепак и тоа малку време што останува, успевам да го искористам за да прошетам, да испијам кафе со пријателите, да изиграм некоја партија фудбал и слично…

Подготви: Билјана Настеска -Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот