Големи очекувања, уште поголеми разочарувања: Каде згрешивме со децата

0

Во минатото( не толку далечно) во времето на нашите родители, имаше некој ред на случувањата во животот. Се беше појасно и подобро функционираше.

Тогаш се знаеше, градинка (ако имаше потреба), забавиште, основно училиште, средно и на крај факултет, ако сакаш да имаш подобра позиција, плата и улога во општеството. Денес се е хаос.

Уште не завршиле со факултет, веќе се магистри. Уште не се вработиле, имаат докторат.

Сите мечтаат за директорски позиции, а не размислуваат како да стигнат до таму. Сакаат се да биде предадено на златна тацна.

Не се почитува редот. За да стигнеш до висока позиција, треба попатно да собереш искуство, да знаеш како да се однесуваш кога ќе бидеш на врвот (ако тоа е врвот) и да не го „убиеш“ бизнисот заради неспремноста.

Има причина зошто платата е висока: многу едноставно – заради големиот број обврски и одговорности кои ги носи работата. Да бидеш на водечка позиција, значи да гледаш 10 чекори пред другите, не да каскаш зад нив, да паѓаш постојано или не дај Боже да ја копираш туѓата работа.

Денес, на интервјуата за работа доаѓаат млади ентузијасти кои сакаат да работат за висока плата, малку работни часови и Google услови.

Притоа, немаат искуство, не знаат каде доаѓаат на интервју, не се подготвени воопшто за состанокот, а сакаат да ја добијат работата.

Кога ќе им биде кажано дека не се соодветни за работното место се враќаат дома кај мама и тато, кажуваат дека поминале феноменално, одговориле се како што треба, а пак не ја добиле работата.

И тука е најголемиот парадокс: не се разочарани, тие се полни со его бидејќи и онака таа работа не била за нив, бидејќи само ќе им го попречи патот до ѕвездено небо кое ги очекува.

Секоја чест на исклучоците кои доаѓаат подготвени на интервјуа. Успех е кога личноста што аплицира ќе постави прашање на идните надредни на кое нема да можат да дадат веднаш одговор, односно позитивно ќе ги изненади.

Но, како за се друго во животот, вината паѓа на родителите кои мора да ги подготват за успесите, а посебно за неуспехите во животот. Да не се лажеме и едните и другите ги има во изобилство.

Големите очекувања, носат големи разочарувања. Амбицијата е добра работа, но во комбинација со неподготвеност и големо его, носи само поголеми разочарувања.

Потребно е секоја млада личност да работи на балансот, буквално во секоја сфера од животот. Само така, успехот ќе ја следи во чекор.

Билјана Настеска – Каланоска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.