15 милијарди долари за ОИ 2020 во Токио

0

Организаторите на Летните Олимписки Игри во Токиo во 2020 година истакнаа дека организацијата на најголемата спортска манифестација ќе чини меѓу 13 и 15 милијарди долари. Оваа сума е малку пониска од првично предвидените 17 милијарди долари.

Претседателот на организациската комисија, Џон Коутс, смета дека сумата од 17 милијарди долари е превисока и изјави дека очекува организаторите да направат напор да ги намалат трошоците.

Но, јапонската влада предупреди дека буџетот за ЛОИ 2020 може да достигне и до 30 милијарди долари ако не се намалат трошоците кои драстично се зголемија поради реконструкциите во Јапонија по земјотресите и цунамито во 2011 година.

ИОК е под притисок за намалување на трошоците за да привлече градови кандидати за идните Олимписки Игри.

По информациите дека Русија за Зимските Олимписки Игри во Сочи потрошила 51 милијарди долари, неколку градови се предомислија и се откажаа од кандидатурите за домаќини на Игрите во 2022 и во 2024 година.

Тенденцијата на ИОК е да се намалат трошоците со препорака до градовите домаќини на ОИ максимално да ги искористат постоечките и привремените објекти.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот