ТОW#448 – Организациска култура

0

Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.

Организациската култура е еден од оние аспекти во управувањето со компаниите коишто не е едноставно да се дефинираат, а сепак сериозно може да влијаат на стабилноста и на успешноста на компаниите преку инволвирање на сите вработени. Истражувајќи повеќе на оваа тема, една од најчестите причини поради кои најголем дел на организациите кои се соочуваат со кризни ситуации пропаѓаат е поради немањето на јасно утврдена организациска култура, односно заеднички сет на вредности и норми помеѓу вработените кои се во склад со целокупното работење на компанијата.

Сепак, организациската култура не се однесува на тоа дека сите вработени треба да имаат исти ставови и размислувања, туку на тоа како сите вработени, вклучувајќи го и менаџментот „ги прават работите“, како комуницираат меѓусебно и со соработниците, како ги извршуваат секојдневните активности, а со тоа и како влијаат на создавање на одредена препознатливост на компанијата во однос на останатите. Ако компаниската структура и поставеност на улогите во тимот е телото на компанијата кое треба да ја движи компанијата напред, тогаш културата е духот што ја оддржува компанијата.

Бенефитите од силна организациска култура се многубројни и се однесуваат на отворена и транспарентна комуникација помеѓу вработените, создавање заемна почит и доверба, мотивирани вработени кои сакаат да ја следат визијата и мисијата на компанијата што доведува до желба за остварување на заеднички цели, намалена стапка на флуктуација на вработените и слично.

Со цел да создадете силна организациска култура, предлагам неколку начини што може да ви помогнат:

  • Добро познавајте ги потребите на вашите вработени – вашите вработени се моторот кој треба да ја движи компанијата напред, но колку навистина добро ги познавате? Што ги мотивира? Со кои проблеми се соочуваат на работното место? Дали сте се обиделе да зборувате со нив и да ги надминете проблемите? Доколку не ги познавате добро вработените, голема е веројатноста да ја изгубат страста кон работата кога ќе се соочат со некој посериозен проблем.

  • Создадете работна средина на почитување и доверба – не за џабе кажале старите – „однесувај се кон другите онака како што сакаш да се однесуваат кон тебе“. Кога се создава динамична организациска култура, различните размислувања или различните вредности од нашите, не мора да значи дека нечија перспектива е погрешна. Едноставно потрудете се да имате доверба во вашиот тим и прифатете го и почитувајте го различниот став од вашиот.

  • Никогаш не ја заборавајте „вистинската“ причина зошто постои компанијата – секоја компанија треба да има јасна визија, мисија и цели што сака да ги постигне, но многу често „вистинската“ причина – зошто постои компанијата и зошто е таа толку важна на компанијата, не е доволно јасно искомуницирана со вработените.

  • Јасно дефинирајте ги клучните вредности на вашата компанија – организациската култура не треба да се заснова на хиерархиска поставеност, туку на вредности кои секој во компанијата, вклучувајќи го и менаџментот, ги живее. Ако не постојат норми, правила, јасно дефинирани улоги, отворена комуникација и слично, кои ќе ги поддржат клучните вредности, компанијата многу лесно може да премине во ранлива структура која нема да може лесно да ги надмине кризните ситуации.

  • Бидете пример за своите вработени – вработените секогаш ќе гледаат како се однесуваат менаџерите во клучни ситуации, колку се одговорни во реализација на активностите, како донесуваат одлуки, колку се почитувани од другите и на тој начин директно ќе го рефлектираат „оправданото“ однесување кај нив.

Создавањето на стабилна организациска култура не е лесна работа, но е многу важна и моќна за „наметнување“ на влијанието на однесувањето кај другите. Како што стануваат тимовите сè повеќе диверзифицирани и компанијата расте, предизвикот да се води компанијата кон успешни резултати е уште потежок.

Со успех во промените,

Жаклина Герасимовска

Член на тимот

МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

www.macedonia-export.com

Доколку сакате текстовите да ги добивате на Вашиот е-пошта или мислите дека некои Ваши колеги, соработници и пријатели треба да ги добиваат овие текстови, испратете ни ја/ги на tow@macedonia-export.com